март 10, 2020

Скопје, 10. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Градинките, основните и средните училиштата, универзитетите, како и научните институти ќе бидат затворени во наредните 14 дена (од 11-ти до 25-ти март), одлучи македонската Влада по препорака на Комисијата за заразни болести, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

До ова доаѓа откако во земјава се регистрирани седуммина заболени, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести, која однесе во карантин над 100 лица.

Истовремено се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на Република Македонија, а спортските настани да се одвиваат без публика. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, како што се маски и слично освен со посебна довола од Министерството за здравство.

– Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Им се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз, рече министерот Филипче и додаде бремените жени да не одат на работа, а владините служби да ги одложат сите патувања.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана. Наложено е да се воведе т.н. хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании и се забранува организиран превоз кон високоризичните земји. Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. (Крај)

извор: РСЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука