Дебрца, 16. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Две години е доволен период за да зборуваме за конкретни резултати, за повеќе завршени проекти, за уште поголем број отпочнати проекти на кои во моментов активно се работи, истакна градоначалникот на општина Дебрца, презентирајќи го отчетот за досега сработеното во неговиот мандат.
– Ветивме одговорно и домаќинско управување со општинските ресурси и драстично намалување на сите непродуктивни трошења. Податоците од завршната сметка за 2018 година тоа и го покажаа, односно во 2018 година имаме намалување на трошоците за дневници за службени патувања, репрезентација, списанија, весници и други изданија, телефон, правни услуги, услуги за копирање, издавање и други. Само на овие расходи вкупната заштеда во 2018 година изнесува 729.666 денари. За две години износот на потрошени средства за дневници и репрезентација на градоначалникот изнесува 0 денари, потенцира Ногачески.
Во насока на заложбите Дебрца да биде посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, Ногачески истакна дека се усвоени Интегрираниот план за локален развој, Локален еколошки акционен план (ЛЕАП ), Стратегија за енергетска ефикасност на општина Дебрца, а во фаза на изработка е Физибилити студија за реконструкција и модернизација на јавното осветлување во општината.
На полето на образованието реализирани се бројни проекти за адаптација, санација и реконструкција во училиштата, воведени се и повеќе мерки за мотивирање на учениците како стипендии, финансиска поддршка за талентирани ученици, доделување на награда Првенец на генерација и други.
Во социјалната сфера градоначалникот ги истакна зголемувањто на износот на средства наменети за социјални трансфери, еднократна парична помош за социјално загрозени лица за лекување во и надвор од државата, како и еднократни субвенции за склучување на брак и за новороденче.
Во отчетот Ногачески се осврна и на инвестициите за подигање на квалитетот на комуналните услуги, за подобрување на општинската патна мрежа, подобрување на водоводна инфраструктура, санација на општинските и објектите на месните заедници и директна финансиска поддршка во подобрување на културните содржини.
Од проектите кои се започнати или набргу ќе започнат и за кои се обезбедени финансиски средства за нивна реализација, Ногачески ги истакна реконструкцијата на патниот правец за село Арбиново, доизградба на патниот правец село Волино – село Мороишта, уредување на патека и поставување на летниковци на Слатинско Езеро, проектот „Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓу-граничната област / Македонија-Грција“ во чии рамки ќе се изврши реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато, проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“, Програма на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија и во чии рамки ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во планинарски дом. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива