Охрид, 14. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на пролетно – летната сезона, од Националната установа Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид, продолжуваат со реализирање на комплетната програма.
Во моментов се работи паралелно на три проекти, конзервација на фасади на неколку објекти во Охрид и Струга, фрескоживописот на црквата Свети Ѓорги во Струга и во завршна фаза е проектот за Галеријата на Робевци.
– Се работи и на елаборати за валоризација. Продолжува постапката за валоризација и ревалоризација на движно и недвижно културно наследство. Се работи на конзервација на дрвени предмети од историското депо, накит и лични предмети од етнолошката збирка, како и елаборат на валоризација на археолошки предмети од праисторијата, издвојува директорката установата, Тања Паскали Бунташеска.
Во завршна фаза е уредувањето на Куќата на Робевци. Заедно со галерискиот простор, овој објект непосредно пред почетокот на летната сезона ќе биде отворен за посета од туристи, а ќе биде повторно овозможено и организирањето на традиционалните изложби.
– Ќе се заврши комплетно со осовременување односно замена на старите изложбени витрини со нови, но и градежните интервенции во внатрешноста на овој објект. Музејот со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки, и тоа етнолошка, археолошка и уметничка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство, додава директорката Паскали Бунташеска.
Според најавите, до крајот на 2018 година комплетно ќе биде завршено возобновувањето на Свети Климентовиот Универзитет на Плаошник. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива