април 6, 2017

Охрид, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Завод и музеј е предложен за наградата “Жива”, на Форумот на словенските култури (ФСК).

Изминативе два дена во Охрид престојуваа судиите Билјана Брајовиќ од Црна Гора и Катја Џумалиева од Бугарија. Тие извршија увид и оцена на капацитетите, вредностите, значењето, богатството и разновидноста на нашите музејски збирки и воопшто севкупното работење на НУ Завод и Музеј-Охрид на полето на чувањето, документацијата, заштитата и конзервацијата и, секако, презентацијата на огромниот фонд културно наследство што ни е доверено на чување за идните поколенија.

Tanja_Paskali_3_640x360

– Беше остварена посета на Музејот на вода во Заливот на коските, единствен од овој вид на Балканот и воопшто во поширокиот регион. Според реакциите и нескриеното воодушевување на судиите навистина сме сериозен кандидат за добивање на некоја од наградите, велат од Завод и музеј – Охрид.

Tanja_Paskali_2_640x360

Со своето учество, земјите членки на ФСК ги промовираат исклучителните достигнувања на полето на културните вредности истакнувајќи го при тоа значајното културно наследство на словенските земји. Самата награда е наречена “Жива”, според словенската божица на плодноста, чиј главен атрибут е житото, па и изгледот на оваа посебна награда е инспириран токму од класовите жито.

Оваа година доделувањето на наградите ќе се одржи на Блед во Словенији, од 20 до 24 септември, а нашата институција е единствен номиниран кандидат од нашата земја помеѓу повеќе од 20 музеи од 13 земји.

Инаку, Форумот на словенските култури е непрофитна организација основана во 2004 година во Љубљана.

Наградата “Жива” е востановена во 2012 година, а натпреварувањето е во 6 категории. Иницијатор за нејзино воведување е експертскиот тим на земјите членки на Форумот на Словенските култури (Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Чешка Република, Хрватска, Македонија, Полска, Русија, Словенија, Словачка и Србија). (Крај)

извор: ОхридПрес    фото: Тања Паскали Бунташеска

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука