Струга, 16. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Струшкото јавно обвинитество поднесе обвинение против четири лица за узурпација на недвижност и загадување на животната средина и природата.
– Првообвинетиот, на 3-ти март 2021 година, зазел туѓа недвижност која со член 16 од Законот за сопственост и други стварни права е прогласена за добро во општа употреба, а со членовите 1 и 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е прогласена за природна реткост како споменик на природата. Тој ги ангажирал тројцата останати обвинети да извршат насипување со земја и рамнење на насипаната земја на површина од 829 метри квадратни, на парцела која е дел од Охридското Езеро и се наоѓа во непосредна близина на угостителски објект и на парцела во сопственост на првообвинетиот.Тројцата работници биле несвесни за можноста за настапување на штетната последица, но според своите лични својства биле должни и требало да бидат свесни за таа можност, бидејќи работеле како работници на работни машини во непосредна близина на водите на езерото, е наведено во обвинителниот акт.
На овој начин сите четворица обвинети можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, опасност за животот и здравјето на луѓето или уништување на растителен и животински свет од поголеми размери.
Првообвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Узурпација на недвижност од член 225 став 1 и кривично дело – Загадување на животната средина и природата од член 218 став 1 и двете во врска со член 44 од Кривичниот законик. Останатите тројца се обвинети за кривично дело – Загадување на животната средина и природата од член 218 став 1 во врска со став 4 од Кривичниот законик. (Крај)
извор: ОЈО Струга фото: архива