Скопје/Мостар, 26. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Обвинителството сé уште го разгледува извештајот за загинувањето на екс претседателот Трајковски.
Надлежниот јавен обвинител сé уште го разгледува новиот извештај за падот на „кингерот“ во кој загина поранешниот претседател Борис Трајковски и неговата осумчлена делагација, велат од Јавното обвинителство.
Иако беше формирана нова Комисија за истражување на падот на „кингерот“, сепак, досега, и по девет години од несреќата, сé уште никој не понесе одговорност за смртта на Трајковски и неговата делегација.
Новиот извештај е предаден во македонското и босанското обвинителство, но сé уште нема поведено никаква кривична постапка против никого.
Како и во првиот извештај директна причина за падот на „кингерот“ и во новиот извештај се пилотите и е проширен само кругот на индиректните причини за несреќата, пишува Макфакс.
Македонската Служба за општи и заеднички работи немала доволно вработени, не обезбедила обука за сите пилоти кои се ангажирани и била водена од лице кое претходно работело во Министерството за одбрана кое не било соодветно, рече босанскиот истражител Омер Кулиќ при презентацијата на извештајот.
Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Македонија издала дозвола за авионот без потребна документација, а авионот не бил соодветно одржуван.
СФОР направил процедура за слетување во Мостар каде морало да се користи радар, а радарот претходно бил расклопен и однесен од аеродромот. Босанските воздухопловни власти издале дозвола да се користи таа процедура за слетување поради што „кингерот“ со Трајковски при несреќата воопшто не бил следен од земја со радар.
Не работела црната кутија за снимање на параметрите на летот и била застарена, а не бил функционален ниту уредот за лоцирање на авионот по уривањето. Тоа било доказ за истражителите дека СФОР крие нешто затоа што сигналот неисправниот уред го пријавиле како причина поради која е лоциран авионот.
Контролорите на летање од францускиот контингент воопшто немале регуларни сертификати за својата функција и не биле достапни за истрагата цели две недели по несреќата.
Владиниот „кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година се урна во близина на Мостар.
Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Сомнежите за смртта на претседателот остануваат, а уште кога падна авионот имаше очевидци кои тврдат дека дека хеликоптери надлетувале над Столац, местото на несреќата и дека не се дозволува пристап до местото. (Крај)
извор: Макфакс фото: Макфакс