News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 13, 2024

Охрид, 13. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Врз телото на поранешниот премиер на Шкотска, Алекс Салмонд, ќе биде направена обдукција, со што ќе се утврдат причините за неговата ненадејна смрт.

Салмонд почина на 69-годишна возраст додека држеше предавање на Школата за млади лидери во Охрид, потврди Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој е организатор на настанот.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Охрид во 15:30 часот, по што итната медицинска помош, полицијата и основен јавен обвинител констатирале смрт.

Школата за млади лидери, која е во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин, продолжува со својата програма.

Алекс Салмонд беше истакната фигура во националистичкото движење во Шкотска и ја водеше Шкотската националистичка партија во два мандати. Тој ја предводеше земјата како премиер од 2007 до 2014 година, и во тој период го одржа референдумот за независност на Шкотска. Кампањата „Да Шкотска“ беше поразена, што го наведе да поднесе оставка. (Крај)

извор: Либертас фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука