Охрид, 1. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Обилните врнежи од дожд периодов наназад направија повеќе кајчиња во каналот „Студенчишта“ да се наполнат со вода, а дел и да потонат.
Со оглед на фактот што и во периодот кој е пред нас се најавени дождови, истото им се заканува и на други пловни објекти.
Сопствениците на кајчиња и останати пловни објекти, кои се вкотвени во каналот „Студенчишта“ треба да ги проверат и испразнат истите од насобраната дождовница, за да се спречи евентуално нивно потонување.
Капетанијата на пристаништата, која е надлежна за водниот сообраќај, според Законот за внатрешна пловидба, нема ингеренции за да ги дислоцира овие пловни објекти и може само да им укажува на сопствениците да го решат проблемот.
Секоја наредна година во водите на Охридското Езеро имаме се’ поголем број пловни објекти, од кои голем дел се чуваат токму во каналот „Студенчишта“, што изнаоѓањето на системско решение за овој проблем го прави уште понеопходно. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес