Охрид, 17. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза.
Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.
Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн.
Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.
Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива