Охрид, 14. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нашиот народ Еремија го празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи.
Иако и на други пролетни празници се изведуват обичаи за заштита од вакви штетници се чини дека тоа најповеќе се прави вечерта спроти Еремија. Во песните што се исполнуваат со овие обичаи Еремија е претставен како митски јунак. Тоа пак, од друга страна, значи дека иако во основата на овој празник е споменот на светиот пророк од Стариот завет – Еремија, обичаите и верувањата водат потекло од најдалечното минато на човекот.
Меѓу богатите обичаи поврзан со празници од Охрид, Е. Спространов забележал и обичаи поврзани со овој ден. „Наспроти тој ден вечерта на стемнување ги падат змиите. На кацја ставаат оган, врз оганот посипуваат ќуќур и одат од дупка на дупка каде што претпоставуваат дека има змии, тропаат со машата врз кацјата, чадат и викаат:
Бегај бегај гадуријо
ето ти ја Еремија,
ќе ти мотат черевата
со железно мотојло.
Откако ќе начадат добро, кацјата ја оставаат во некој агол да изгасне и рано утрото јаглените ги исфрлаат на буниште“.
Описи на вакви обичаи среќаваме и во зборникот на браќата Миладиновци. Во Струга, како што стои запишано во овој зборник, „на Св. Јеремија кршат стомна, шутарки и черепи“.
За берење билки и запотнување на куќите пишува и охридскиот собирач на наросни умотворби, Кузман Шапкарев. Тој запишал дека освен споменатиот обичај со маша и кацја, со жар и куќур и споменатата песна за Еремија се берела и вратика и се запотнувала куќата. Шапкарев, исто така, сведочи дека на овој ден во некои места рано наутро излегувале надвор и на некоја зелена трева пиеле пресно млеко.
Особено овој празник го држат куќите што се занимаваат со земјоделска работа.
Во повеќе краишта на Македонија на овој ден се прават црепни. Нив ги прават само жените, кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат. Ако земјата се донесува претходниот ден ноќта се чува да не се случи некој да фрли сол од што црепните пукаат. Поради култот кон лебот, а и поради тоа што во црепните се месат разни обредни лебови кои се носат и во црквата како кравајчиња и сл. жените што прават црепни се облекуваат во чиста облека. Газењето на црепните, како што се вика овој чин се смета за тешка работа и е придружено со повеќе песни, како што е следнава:
Ај сега почнуеме,
црепни да газиме.
Никого не пуштаме.
покрај нас да помине,
сол да не ни врли-
црепни да ни испукаат.
Кој пријател ќе помине
ќе ни речи:
– Железни ви црепни!
Кој душман ќе помине,
ќе ни речи:
– Земјени ви црепни!
Се верувало дека жените што на Еремија ќе прават црепни таа година не ги касале змиите.
Во Дебарца (Охридско) црепни секогаш се правеле на Еремија. Ги правеле по две-три жени заедно. Притоа строго се внимавало црепни да не прави трудна жена зашто немало да траат. Од истите причини земјата за црепните не смеело да се носи со ждребна кобила. Ако пак се случело трудна жена да прави црепни првиот пат кога ќе печела леб во новите црепни требало да рече: „Црепните да не ми траат, детето да ми е живо“. (Крај)
извор: ОхридПрес/зборници фото: архива