Охрид, 2. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Свети Илија или Илија Громовник како што е познат помеѓу народот секогаш се паѓа на ист датум во најсушниот и најтоплиот дел од годината.
Се верува дека токму Илија е тој кој одредува кога и каде ќе падне дожд, а кога ќе биде суша. Поради тоа и до ден денешен во селата се задржал обичајот на Св. Илија да не се работи на поле, за да не се навлече гневот на светителот. Народот вели дека по празникот Св. Илија полека одминуваат жештините и сонцето е се подраго. Се верува дека на денешен ден е добро да јадете мед за здравје. Некогаш обичајот бил мајките да ги намачкаат децата со мед за цела година да бидат здрави.
Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива