Охрид/Струга, 14. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата.
Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Кузман Шапкарев запишал и обичаи од Струга каде што, исто така, се прославувал овој празник. К. Шапкарев сведочи дека во Струга св. Трифун на потсмев го викале „Триун пијаница“ и го сметале како претседател и покровител на градинарството и лозарството, бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувал. „За време на тој ден уште од рано, со истата цел, градинарите повикуваат еден свештеник, да освети вода во градината и после со неа ги поросува посевите, кога истовремено ќе ги прочита соодветните молитви кон св. Трифун, за да ги истреби од градината сите пакосни подземни и надземни инсекти од каков и да било вид. А, пак, лозарите и тие со иста цел, уште од зора, секој оди во своето лозје, и во секое лозје, колку ги има искаструва по неколку пенушки. Тоа се вика „зарежвење“.
Ефтим Спространов запишувајќи обичаи што се изведувале на овој празник запишал дека Свети Трифун во Охрид бил познат со името „Трифун-пијаница“. Притоа од неговата вујна Сава, тогаш 63 годишна жена, го забележал преданието за свети Трифун. „Свети Трифун бил пијаница, се вели во ова предание. Кога одела Богородица да си пејт молитва во еден манастир ја сретил тој и је рекол нешто. Тога та го проколнала да си го пресечит носот. И навистина, ко ошол на лозје, мафнал со сорот и си го пресекол. Богородица је сретила жена му и је рекла: Трифун си го пресече носот, ама нишчо немат; изгори малу волна и оди залепи му го“. Ко ошла Трифуница, навистина си го пресекол носот. Тогај напраила, како шо је рекла Богоројца, и му го залепила. Тога и Свети Трифун тргнал со Богоројца и тој ошол на манастирот. (Крај)
извор: МИА/Марко Китевски фото: архива