март 23, 2017

Охрид, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре во Охрид ќе биде одржана обука за следење на состојбата на безбедноста во сообраќајот на патиштата со примена на индикатори.

Обуката наменета за претставници на Министерството за внатрешни работи и претставници од единиците на Локалната самоуправа, ќе биде организирана по неодамнешната препорака за формирање работни групи на локално ниво што ќе бидат задолжени за следење, мерење, обработка и доставување на податоците во врска со индикаторите за следење на безбедноста на сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, дефинира шест основни индикатори што ќе се следат: индикатор за возачите, индикатор за почитување/непочитување на брзината на движење, индикатор за користењето на системите за пасивна безбедност, индикатор за возилата, индикатор за факторот пат и индикатор за однесувањето на пешаците.

– Воведувањето на индикаторите во безбедноста на сообраќајот е потребно за поефикасно управување со безбедноста во сообраќајот, и значајно, бидејќи врз основа на одредени показатели може да се воочи што, и во која мерка е небезбедно. На овој начин би се дејствувало превентивно и проактивно врз безбедноста на сообраќајот, навремено би се реагирало врз факторите за сообраќајната небезбедност и нивна зачестеност во сообраќајот, најавуваат од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Обуката ќе се одржи утре во 15 часот во одморалиштето на МВР во населбата „Св. Стефан“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука