јануари 10, 2017

Скопје, 10. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, ја објави книгата „Македонија – живот и предели“ од група германски автори, во превод од германски јазик на Слободанка Поповска, а со предговор за германската македонистика пред, за време и по Првата светска војна на проф. д-р Волф Ошлис.

Оваа книга содржи текстови за Македонија од германски автори кои неа ја истражувале за време на Првата светска војна или по разни поводи потоа пишувале за Македонија. Трудовите се однесуваат на сите предели во Македонија и на нејзиното население, обичаите, етно­графијата, земјата, историјата…

Во овој зборник, меѓу другото, делумно е објавена „Етногра­фи­ја на Македонија“ (1924) на Густав Вајганд (1860-1930, раководител на Македонската земска комисија) и дел од зборникот „Македонија – животот и сликата на пределот“, подготвен од Херберт Ертел, а од кој, освен негов текст, преземени се текстови на Герхард Геземан, Јозеф Берге, Јозеф Мерц, Алојз Шмаус и Ханс Ерке.

Во книгата се објавени и 137 фотографии од германски војници или истражувачи, снимени во Македонија за време на Правата светска војна и во периодот меѓу двете светски војни.

Како резултат на германските проучувања на Македонија во минатото, а првенствено во периодот на Првата светска војна, кога со логистичка поддршка на германската војска на територијата на Македонија истражувала групата германски научници позната како „Македонска земска комисија“, по војната во Германија се објавени неколку публикации посветени на Македонија. Некои од нив спаѓаат меѓу најзначајните научни публикации за Македонија до тој период, а книгата на Леонард Шулце Јена „Македонија – предел и култура на живеење“ (која содржи близу 150 фото­гра­фии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија), првпат објавена на германски јазик во 1927 година, може да се смета за првата научна монографија за Македонија. Друга значајна научна публи­кација од германски автор е книгата на Франц Дофлајн, со наслов „Маке­до­нија“ (која е исто така обемна и содржи и 296 фото­гра­фии, цртежи и карти), објавена во Германија во 1921 година. Книгата на Дофлајн првпат на македон­ски јазик е објавена дури во 2010 година (во издание на „Маке­дон­ска реч“), а на Шулце Јена во 2013 година (во издание на „Македоника литера“). По книгите на Дофлајн, Шулце – Јена, како и „Правната положба на Македонците во Југославија“ на Карл Штруп (кој не бил член на комиси­јата, но во тој период го истражувал македонското прашање), која на македонски јазик е објавена во 2014 година (издание на „Маке­до­ника литера“), оваа книга – „Македонија (живот и предели)“ е четврта­та по ред од таа „германска“ едиција на трудови за Маке­­донија создавани во првите децении на ХХ век што се објавува на македонски јазик. Има уште десетина трудови во кои се објавени резултатите од проучу­вањето на Македонија, но по обем се помали од книгите на Дофлајн и Шулце Јена. Во некои идни изданија, уште во неколку книги, „Македоника“ планира да ги публикува текстовите, односно кни­гите за воените дејства и мирот во Македонија, воените дневници, записи и спомени на германски војници, како и патописи за Маке­донија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука