јануари 24, 2015

Скопје, 23. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од активностите во рамки на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ во издание на „ПНВ публикации“ од печат излезе книгата „Меѓу две неба“.

Во книгата „Меѓу две неба“ се поместени авторски творби на поетите кои биле учесници или посетители на манифестацијата во текот на нејзиното 26 годишно постоење.

Во поетската збирка се содржани инспиративни стихови на Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Ристо Јачев, Владимир Мартиновски, Ефтим Клетников, Братислав Ташковски, Глигор Стојковски, Кире Неделковски, Тоде Илиевски, Зоран Јакимоски…, како и на странските поети Патрик Котер, Миљурко Вукадиновиќ, Роман Кисјов, Лука Бенаси,Татјана Даниљанц, Ерол Туфан, Винченцо Бјанки, Сим Кера, Марам Ал Масри, Жељко Миловиќ, Поли Муканова, Тања Бакиќ и други.

Основачот и претседателот на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, поетот Славе Ѓорго Димоски, за стихозбирката „Меѓу две неба“ вели дека претставува компилација на најдоброто од поезијата што можело да се види во Велестово изминатите две и пол децении.

– Пред љубопитството на читателот го нудиме овој грст стихови од македонски и странски поети кои биле учесници на манифестација и кои не можеле своите возбуди да ги задржат во и за себе, туку ги излеале врз белите полиња на хартијата и сега ги имаме како гргорливи водопади синевина, која се спушта од небото во езерото, вели Димоски повикувајќи го читателот да ги отвори кориците на новата стихозбирка и да го „премине прагот кон возвишеното задоволство на она што ни го оставиле гостите за нас и за вечноста“.

Песните на поетите гости од странство се објавени двојазично, а стихозбирката е илустрирана со фотографии од архивата на „Поетска ноќ во Велестово“. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука