Скопје, 9. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Домот во кој…“ од руско-ерменската писателка Маријам Петросјан, нејзино прво и засега единствено дело, кое го пишувала цели 18 години.
Преводот на македонски е на Ѓорѓи Крстевски.
– Едно момче ќе биде одведено во дом за деца со посебни потреби. Наеднаш пред него ќе се отвори сосем нов свет со сопствени ликови и правила на однесување, толку различни од „обичниот“ свет. Децата се доведени таму од своите родители и заборавени. Сепак, нивната детска фантазија и игри не може никој да им ги одземе. Сите тие имаат впечатливи прекари и карактери. Не сме сигурни дали Лорд навистина потекнува од благородничко семејство, но Слепиот навистина е слеп, а Сфинга е мудар. Тутунот не е лошо дете, но сака да заработи на туѓа сметка. А тука е и таинствената појава на детето со прекар Македонски, се вели во кратката содржина на романот.
Домот е многу повеќе од дом за деца со посебни потреби, тоа е еден засебен универзум, а штитениците на домот не се лица со посебни потреби – не, тоа се лица со посебни можности!
Романот многумина го споредуваат со „Хари Потер“, а според критиката „Петросјан им докажува на читателите дека постои магија во нивните животи“.
Книгата е објавена со поддршка на Институтот за книжевни преводи на Русија.
Маријам Петросјан (1969) е руска писателка со ерменско потекло. Родена е во Ереван, каде што работела во филмското студио „Ерменфилм“. Нејзиниот прв роман, „Домот во кој…“ станал бестселер уште со појавувањето во 2009 година, а таа ја освоила книжевната награда „Руска премија“, која им се доделува на автори што пишуваат на руски јазик. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива