Охрид, 27. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Античката историја скриена во најстарото езеро во Европа“ е насловена четириминутната видео–репортажа што е објавена на интернет страната на Би-Би-Си, во рамки на серијалот „Травел шоу“.
– Ова е најстарото езеро во Европа. И средината околу него исто така е стара. Дури и Охрид бил град уште во времето на таткото на Александар Македонски, Филип, во четвриот век пред Христос,истакнува авторката на почетокот од репортажата.
На прв поглед шармот на Охридското езеро лежи во примамливиот пејзаж на површината, но неговата вистинска убавина лежи под езерската површина.
Па, поголемиот дел од репортажата е снимен кај локалитетот Заливот на костите. Авторката, заедно со Јован Секуловски,од нуркачкиот центар „Амфора“ се нурнува да ги погледне подводните историски остатоци.
– Не мора да одиме далеку за да најдеме остатоци од античката историја на Охрид, напоменува авторката.
Таа ја потенцира воодушевеноста од бистрата вода, како и од фактот што не успеала веднаш да ги забележи првите артефакти на кои наишла при нуркањето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива