Охрид, 27. јанаури 2022 (ОХРИДПРЕС) – На музичката сцена го знаеме како Fussflow, а вистинското име на музичарот и продуцент е Огнен Митев. По струка е компјутерски инженер, но е заљубен во музиката. Создава и негови музички дела, а особено ни стана познат по одличните обработки или ремикси што ги прави на македонски евергрини. Обработи песни на Маја Оџаклиевска, Верица Ристеска, Маријана и Росана и Дарио.
Негов најнов ремикс е на песната „Здодевно е“ на Нина Спирова, на која соработуваше со Ана Петановска. За неговите почетоци, интересот кон музиката, но и како дошол до уметничкото име Fussflow, поразговаравме со Огнен Митев.
Супер радио: Што или кој е Fussflow?
Fussflow: Eве ќе пробам да ги објаснам и двете. Името е еден псевдоним кој што одзеде добри 2 – 3 месеци од моето време, а и времето на моите најблиски. Тоа беше едно патешествие на размислување и создавање нешто уникатно што не постои во моментов. Мене ми беше многу тешко и макотрпно да дојдам до некое име што ќе ми се допаѓа, а сепак никој го нема искористено. Морав да барам, да пробувам, да истражувам за да дојдам до ова. Google, Instagram, Spotify, Youtube, буквално секаде барав за да нема преклопување и навистина името да биде уникатно. Fussflow е Portmanteau односно два збора споени во еден. Fuss има значење нешто како галама, гужва (What’s all the fuss?), a flow е проток, движење, тек. Заедно би му дошло како Гласен Проток, фамозен тек или нешто слично, но ја сфаќате поентата. Исто така во flow – “w” во логото е претставен како звучен бран (sound wave), така што да се знае дека е нешто поврзано со музика. Инаку на почетокот мислев да го искористам своето презиме, но звучеше малку како некој д-р стоматолог (што би рекол Фиги). Инаку, Fussflow e продуцент. Станува збор за татко на 3 прекрасни деца, засекогаш заљубен во Ека, по струка компјутерски инженер (моментално работам како Infastructure Enineering Lead во Zeppelin Minhen, Germany) на кого музиката му е огромна пасија уште од раното детство. Моето име е Огнен Митев.
Супер радио: Кој е твојот начин/стил на работење?
Fussflow:Моменталниот животен стил и се она што ни се случува во последно време, малку ги промени начините на работење. Мометално се работам дома и се’ е од дома. Училиште, работа, музика. Музиката отсекогаш ја работев дома, започнав со едно мало „студифце“ кое што сега е малку поголемо. Со музиката и со инспирацијата не можете да планирате. Кога ќе дојде, тогаш. Некогаш ми се случува да поминам 8 до 10 часа правејќи песна, но некогаш сето тоа се случува и за еден час. При компонирање на песна обично смислувам некоја акордажа на гитара или клавир, или бас линија, или брат ми ако ми прати некоја мелодија од клавир, а некогаш идејата произлегува и од самиот ритам. Кај мене тоа е секогаш различно. Еве, пред некој ден бев инспириран од една играчка на ќерка ми Луна која што имаше некоја приспивна мелодија. Потоа следува развивање на таа идеа, додавање на слоеви на инструменти, акорди, звуци, перкусии, виолини итн. Во принцип додавам еден куп работи на почетокот кои што мислам дека звучат убаво, но во аранжманот или во миксањето некои од тие звуци или не ги користам воопшто, или само по еднаш ќе ги искористам се со цел за да не звучи “валкан“ миксот. Откако ќе ја спремам песната, ја преслушувам многу пати додека не ја доведам до некое совршенство кое што мене ме задоволува и ја споделувам со блиски луѓе кои се во тек со музика и слушам критики. Нешто се менува, нешто не (бидејќи сепак музиката е многу субјективна работа) и правам финални промени. Потоа му ја праќам песната на Ангел кој што никогаш предходно ја нема слушнато таа песна и тој ја преслушува (ако има критика ја кажува, ако не не) и го прави финалниот мастер. Потоа ја дистрибуираме песната по можност на сите streaming платформи.
Супер радио: Која е твојата музичка позадина, доколку ја има?
Fussflow: Ова е многу долга и интересна приказна. Се сеќавам на времето кога беше позната песната од Таркан – Şıkıdım имавме дома една мала клавијатура (синтисајзер). Играчка беше. Дојдоа едни пријатели од Кочани и Жика (Живко) го знаеше цел текст од таа песна. Знам дека ја вежбавме песната, јас морав да ја научам по слух, а татко ми не пратеше со гитара. Сигурно имаме некоја снимка и тоа на аудио касета. Тоа беше пред минимум 25 години, но ете ми останало во сеќавање. Подоцна татко ми ме научи неколку акорди (де дур, а дур, ге дур, е мол) и со тие импровизирав и пробував да свирам одредени песни. Со текот на годините напреднав во свирењето затоа што тоа жареше во мене и стигнав во осмолетка да свирам гитара во училишниот оркестар во Христијан Тодоровски – Карпош, раководен од Ангел Ќосев заедно со Влатче (Бог да го прости) и се сеќавам и на Роберт Билбилов на неколку настапи. Настапувавме на неколку градски натпревари и беа интересни денови и моменти. Во средно училиште учествував во оркестарот, но не беше толку впечатливо затоа што учев само 2 години и потоа заминав за САД. Инаку учев во Орце Николов.
Заминав за Америка и таму почнав еден нов предизвик, а тоа беа ударни инструменти. Свирев тапани, тимпани, перкусии во школскиот бенд и навистина се беше како на филм. Натпревари во американски фудбал, ние облечени во униформи и на сред стадион свиревме разноразни песни, а пред нас играа мажоретки. Убави спомени. Се вратив во Македонија и помина една година, се запишав на Штуловиот универзитет и прејдов на компјутерски науки. Гитарата остана како мој инструмент и тлееше некоја желба за нешто повеќе. Не се сеќавам точно која година беше, но седевме на плажа на одмор, цело друштво. Тројца свиревме гитара. Диме, Аце и јас. Се замуабетивме да сме направеле бенд, ама не знаевме како да ги распределиме инструментите. Некако на смеа на шега јас реков: „еве јас ќе свирам тапани“, дека имам искуство, Диме беше цврсто решен за гитарата, а Аце рече „еве Оги, ако ти купиш тапани јас ќе купам бас и ќе правиме бенд“. Не пројдоа две недели, се вративме во Скопје и јас веднаш преку огласник најдов тапани. Тама Рокстар. Ги купив, им се јавив на Диме и Аце и право на викендица. Почнавме да свириме и да се глупираме. Баравме пејач/пејачка добри две години за на крајот да го формираме бендот „Bandover“ во кој бевме Диме (гитара), Аце (бас), Ана (вокал) и јас (тапани). Имавме супер 6 – 7 години настапи по Маракана, Хавана, патувавме за Струга, Охрид, Куманово. Супер беше. На крајот Ана замина и настапувавме еден период со Евгенија Чанчалова, но кратко и се заврши. Потоа се оженив (не ме сфаќајте погрешно) и со обврските и се што следуваше, едноставно текот на секојдневието не дозволуваше да се обединиме и да продолжиме со такво темпо. Се преселивме во Минхен, Ека, Калин и јас, па Алексеи се роди, Луна беше на пат и кратко пред да дојде Луна на свет, решив дека морам да правам нешто со музикава. Едноставно имав една огромна неизреализирана креативност во мене што ми правеше на еден начин и проблем. Набавив клавијатура, музичка карта, едни слушалчиња и почнав. Правев така за себе некои работи и дојде време да ги пуштам во етер. Кога ги дадов песните на мастер, ми ги вратија и ми рекоа дека се катастрофа. Малку ме демотивираше тоа, но подоцна сфатив дека тоа се технички работи кои ми фалеа. Се посветив интензивно на учење за музичка продукција, миксање и навистина, далеку бев. Но, кога правите нешто со многу љубов и му се посветувате максимално, тоа се впива на секој можен начин и нема шанси да нема резултати. Научив многу работи, посетив многу онлајн едукациски тренинзи и секако даскалот Ќосев си остана учител, се уште ме учи и ми дава совети и ги прави мастерите на сите мои песни досега.
Супер радио: Што слушаш во последно време?
Fussflow: Порано свирев рок, поп, комерцијално. Сакав тоа да го пренесам со некои подинамични ритмови и ми требаше долго време да се пронајдам и да се изградам за да стигнам каде што сум сега. На почетокот пробував таквите рок/поп песни сам да ги снимам, но тешко ми беше да ги доловам тие емоции на рок бенд и да ја пренесам таа енергија во песна како кога било на свирка во Маракана. Убавината во таа бендовска музика е кога секој си го свири својот дел и целата еуфорија што е на сцената кога настапуваш или кога свириш со некого заедно. Прејдов на електронска музика, не знам точно како да го објаснам, но на почеток имав некои чудни креации рок/поп. Подоцна почнав да користам и побрзи ритмови и правев некој чуден House со гитари. Со текот на времето, со работа, со слушање на многу музика сфатив дека Disco, NuDisco, French House, House, Funk, Dance/Electronic, Pop стилот ми се допаѓа и се почесто кога почнував песна ми одеше нешто такво да креирам. Сеуште имам за учење и за калење, но стилот кој што го работам ми се допаѓа, ме исполнува, не ми е напорен за слушање и најважно од се ме тера да станам и да заиграм со раменца. Моментално слушам музика диско од 70, 90-ти затоа што ми се допаѓа начинот на кој што тие луѓе правеле тогаш музика. Исто така слушам и Funk, NuDisco, French House. Можам да ги одвојам Dave Lee (Joey Negro), Crazy P, CHIC, Satin Jackets, Roosevelt, MousseT., Purple Disco Maschine, Sylvester, Phil Fuldner, The Shapeshifters, и се разбира и својата музика (нескромно). Име многу артисти кои што ги слушам. Искрено, активно ја слушам и македонската сцена. Љубител сум на Pluto´s Doubts, Funk Shui, The Begginings (Новиот Почеток), Foltin, Lilit, итн.
Супер радио: Периодов напорно работиш, го промовира и најновиот ремикс на песната „Здодевно е“ на Нина Спирова, на која соработуваше со Ана Петановска. Збор два околу овој проект.
Fussflow: Ана е млада девојка, со огромен тален и надареност за музика. Пее страшно добро и вокалот нејзин тотално одговара на музиката која што јас ја работам. Мислам дека Ана допрва треба да се развива и да ја гради својата соработка. Јас си дадов за мисија и за цел да и помогнам на Ана да успее во овие музички води што е можно повеќе, односно преку соработката и помошта е взаемна. Што значи тоа – тоа значи дека јас се нафатив и се вложив да направам неколку песни кои што ќе ги испее сите Ана и каде што ние заеднички ќе го сработиме тој проект и се надевам дека ќе успееме да се пробиеме што е можно повеќе. Ана е одличен вокал и кога пее има толку емоции што навистина е штета и жално да не ја чуе светот која е и какви вокални квалитети има. Соработката е проста, јас ја правам музиката и се трудам и текстот да го напишам, Ана ја слуша и оди во студио и ја пее целата песна. Во принцип вокалите ги снимаме кај Ангел Ќосев во студио Подрумот, а јас ја продуцирам целата музика во моето домашно студио. До сега имаме направено една песна која што се трудам да биде објавена до крајот на февруари со наслов You and I, преработката на Нина Спирова веќе ја чувте, а исто така сакаме да сработиме и уште некои преработки и како што споменав уште 5,6 авторски песни. Некои ќе бидат на англиски, некои на македонски јазик. Покрај соработката со Ана, би напоменал дека сум отворен за соработка со било кого, но исто така сакам да споменам дека оваа година аплицирав за Евросонгот со моја песна која што ја изведе Нина Јанева Николовски и од сите кандидати влеговме во првите 16, но во последната рунда кога беа одбрани финалните 6 ние не бевме на таа листа. Таа песна исто ќе биде објавена во наредните месеци. Имам една песна и со Јана Бурче (поранешната претставничка за Евросонг) спремно и чека на листа да биде објавена. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Fussflow