Скопје/Струга, 14. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска беа презентирани резултатите за изворите на загадување на воздухот во пет општини, организиран од Програмата за развој на Обединети Нации (УНДП).
– Министерството за животна средина и просторно планирање е подготвено да им помогне на единиците на локалните самоуправи во планирањето и спроведувањето на ефективни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во нивните општини. Јасно е дека за ефикасно решавање на аерозагадувањето, клучно е да се разбере коренот на проблемот. Затоа сме тука да ги слушнеме од експертите и академската фела резултатите од темелната анализа за откривање и идентификација на локалните извори на загадување на воздухот. Тие се од големо значење за формирањето на приоритетни политики, мерки и акции што се итно потребни во нашата заедничка борба со аерозагадувањето, изјави првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Резултатите од истражувањето на изворите на аерозагадувањето во пет општини – Струга, Куманово, Гостивар, Струмица и Кавадарци, како најголем извор го детектираа огревното дрво. Сепак, постојат значителни разлики помеѓу општините и тие треба да бидат земени предвид при креирање мерки и политики за унапредување на квалитетот на воздухот, укажуваат заклучоците од студијата изработена од лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, презентирани од ректорот проф. Дејан Мираковски.
Според постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата, а УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија.
– Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во Република Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот, изјави Григорјан.
Во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1.000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомасата (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес