Охрид, 24. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во „Спомен куќата на Христо Узунов“, вчера беа одбележани јубилејни 100 години од смртта на Петар Чаулев, истакнат охридски револуцинер и војвода.
Во името на локалната самоуправа пред присутните се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој потенцираше дека во славната Илинденска епопеја, младиот Чаулев бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, учествувал во Балканските војни и Тиквешкото востание, а бил и креатор на Охридско-дебарското востание.
– Личноста на Петар Чаулев е цвстро врзана за автономна и автентична борба на македонците за слободна Македонија. Во таа смисла тој до крајот на својот живот останал верен на својот потпис на Мајскиот манифест, кој предвидувал обединување на сите партии и фракции во борбата за ослободување на Македонија. Многу години подоцна, идеалите на Чаулев за слобода, ќе се реализираат преку големата антифашистичка победа во Втората светска војна и конечното ослободување на Македонија. Ние како генерација и оние кои ќе дојдат после нас, секогаш со посебен пиетет ќе се сеќаваме на големото револуционерно дело на великот Петар Чаулев, истакна Божиновски.
Настанот беше збогатен со историски осврт кон ликот и делото на револуционерот преку драмата „Последниот лет на Чаулев“, во изведба на учениците од Охридската гимназија, во адаптација на проферот Михаил Патчев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива