News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
септември 10, 2024

Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – За 31. октомври е одложено рочиштето за случајот со претепувањето на поранешниот секретар на бугарското здружение „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков.

На денешното рочиште во Основниот суд во Охрид требаше да бидат сослушани сведоците на одбраната на обвинетите Илија Спасески и Борче Ангелов. Наместо тоа, адвокатот, Димитрија Цобоски на обвинителот и на судијата им ги презентирал доказите на одбраната на случајот, јави порталот lokalno.mk.

Обвинителката во случајот Викторија Коваческа-Мандулоска побарала да се запознае со доказите кои според нејзините зборови требало да бидат изведени осум дена по претходното рочиште во јули. Судијата мора да се запознае и со содржината на снимката на дискот за да одлучи дали ќе ја прифати како доказ во случајот.

Неговата одлука ќе се заснова на барањето на одбраната на Спасески и Ангелов, кои бараа судот од обвинителството во Охрид да побара информација дали Пендиков има истражна постапка за поседување дрога. Цобоски изјавил дека од негова страна биле побарани информации од СВР Охрид и од обвинителството при што добил одговор дека тој не бил во државата во таа прилика и поради тоа немало причина да се бара такви информации.

На прашањето на судијата каква е врската меѓу бараната информација и случајот за напад, адвокатот рекол според тоа ќе биде јасно дали причината за нападот е наведената во обвинението.

Охриѓанецот кој моментално живее во Софија, на 19-ти јануари минатата година беше претепан пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, што му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Христијан Пендиков бешe секретар на сега згаснатиот бугарскиот клуб „Цар Борис III“ Според обвинението, Спасески и Ангелов го натепале Пендиков поради омраза по национална и етничка линија. (Крај)

извор: lokalno.mk фото: lokalno.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука