Охрид, 6. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради отсуство на адвокатот Донче Наков, бранител на обвинетиот Бојан Угреновиќ, денес беше одложен повторениот судски процес за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски.
Адвокатката Кристина Камчева Недеска, од адвокатското друштво „Мујоски“, како овластени полномошници на оштетените во оваа постапка, истакна дека со ова одлагање се остваруваат нивните стравувања дека ќе мора советот кој суди во овој процес да донесе решение за укинување на притворот на обвинетиот со оглед на тоа што на крајот на месец јули истекува законскиот рок од една година по правосилноста на поднесениот обвинителен акт.
– Во таков случај судот ќе мора да донесе одлука за укинување на мерката притвор и да му овозможи на Угреновиќ да се брани од слобода. Постои можност со решението за укинување на притворот, да се обезбеди мерка за претпазливост, со одземање на негота патна исправа, рече адвокатката Камчева Недеска.
Мајката на Димитар, Драгица Матилоска кажа дека токму денес го одбележале 28-миот роденден на нејзиниот син, но за жал наместо дома, тоа го направиле на неговото вечно почивалиште.
– Посакувам ниедна мајка да не ја доживее трагедијата што ја доживеав јас и порачувам дека ниеден човек нема право да убива друг човек, рече Матилоска.
Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот.
Следното рочиште судот го закажа за 25-ти јули. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес