јануари 21, 2017

Охрид/Струга, 21. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – На својата веб-страница www.kultura.gov.mk Министерството за културa ги објави проектите кои се поддржани на годишните конкурси.

Од областа на издавачката дејност, годинава ќе бидат издадени повеќе дела на охридски и струшки автори.

Како издавач се јавува НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, за делата кои ќе бидат издадени – „Залив на коските/Праисториска палафитна населба на Охридското Езеро“ и „Пенелопа/Праисториска палафитна населба на Охридското Езеро“ од авторот Паско Кузман.

Во издание на ПНВ Публикации – Скопје ќе бидат издадени дела на двајца охридски поети – „Збороигри 2“ од Славе Ѓорго Димоски и „Задачите се зададени“ од Зоран Јакимовски.

Издавачка куќа „Феникс“ – Скопје ќе го издаде делото „Разбранувани води“ од струшкиот автор Петко Шипинкаровски, додека во издание на Ирис – Струга ќе биде објавена публикацијата „Уметноста на XIX век по долината на Дрим (Струга и Струшко)“ од д-р Сашо Цветковски.

Експертиза Д – Подружница „Обликовна“ од Скопје годинава ќе ја издаде книгата „Бог Вид“ на охридскиот аврот Милош Линдро.

Матица македонска од Скопје, пак стои зад делата „Уметноста и културата на XIX век во Западна Македонија“ и „Студии за Охридскиот живопис“ од академик Цветан Грозданов, како и делото „Лихнид и Дисаретија“ од Вера Битракова – Грозданова. Исто така ќе биде објавено делото „Педесет години Македонска православна богословија“ – Свети Климент Охридски“ (1967 – 2017) од група автори.

Издавачката куќа Паблишер од Скопје ќе ја објави книгата „Јатките на загатките“ од охридскиот поет Тоде Илиевски.

Во издание на Книгоиздателство „Силсонс“ – Скопје ќе се објави научниот труд „Пештерски цркви од Преспанското Езеро“ од Гоце Ангеличин Жура.

Годинава ќе бидат објавени книги на уште двајца струшки автори – Книгоиздателство „Силсонс“ – Скопје ќе ја издаде книгата „Врати кон неоткриеното“ од Јован Стрезовски, додека Вемилион ЗИМ – Скопје, стои зад книгата „Чудесните светови на Алиса“ на Мерсиха Исмајлоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука