Од градот со 365 храмови: Црква „Св. Никола Болнички“
декември 19, 2024

Охрид, 19. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го прославуваат денот на Свети Никола Мириклиски Чудотворец, еден од најпразнуваните во Охрид.

Во Охрид и околината има неколку храмови кои го носат името на светецот, меѓу кои и црквата „Св. Никола Болнички“.

Овој македонски православен храм се наоѓа во стариот дел на градот Охрид, на улицата „Цар Самоил“, помеѓу охридското пристаниште и Куќата на Робевци, веднаш наспроти црквата „Света Богородица Болничка“.

Изградена и живописана во 1313 година од непознат зограф. Црквата е еднокорабна со засводен полукружен свод. На нејзината западна страна се наоѓа камбанарија – преслица единствена во Македонија, изградена под влијание на приморската архитектура.

За првпат се споменува во еден документ за имотот на црквата „Света Богородица Перивлепта“. Во XV век на јужната страна од црквата дограден е параклис, од кој денес е сочуван апсидниот дел со претставата „Причестувањето на апостолите”. Во дворот на оваа црква се наоѓаат остатоците од градските ѕидини, кои од Самоиловата тврдина се спуштале до самото езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука