август 2, 2019

Охрид, 2. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес стартува новата авиолинија на WizzAir од Меминген до Охрид.

На оваа линија ќе се оперира два пати неделно, во понеделник и петок. Од ТАВ Македонија истакнаа дека се среќни и горди што овие нови авиолинии се додаваат на долгата листа на градови кои се поврзани со директни летови од скопскиот аеродром, како и новите дестинации од охридскиот аеродром, Дортмунд и Меминген.

– Новите дестинации на WizzAir од охридскиот аеродром – Дортмунд и Меминген, дополнително ќе го олеснат патувањето нашите патници од охридскиот регион. Генерално, активностите и резултатите на двата аеродрома покажуваат дека ние постојано работиме на зајакнување на нашата мрежа на авиолинии и се радуваме што ги додаваме овие дестинации на нашата листа на авиолинии што постојано се проширува, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Само годинава WizzAir почна да лета до 4 нови дестинации од Охрид до Малме, Милано, Дортмунд и најновата Меминген.

Моментално на охридскиот аеродром се опслужуваат 22 дестинации, од кои 10 се редовни авиолинии што сообраќаат преку целата година, на 13 авиокомпании. Во текот на првата половина од оваа година 1.163.667 патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука