ноември 21, 2023

Охрид, 21. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во околината на Охрид, на излезот кон Струга, на јавна површина е направен ринг за борби на кучиња. Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази, алармираат од Иницијативата за заштита на животните „Лајка“.

– Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот „Андон Дуков“ се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија). Што дека низа законски одредби се прекршуваат, некои имаат „привилегија“ да се ставаат над законите, и притоа иако закон прекршуваат да се закануваат на оние што закони почитуваат и важат за чесни и совесни граѓани. Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица ближни на овие ликови. Локацијата е добро позната и на полицијата, која ако е доследна на заклетвата која ја дала и на она што нејзина должност е, би проделувала на основ и на оваа објава и доказен материјал на ова очигледно прекршување на законите и дивеење ширум државава. Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла), порачуваат од „Лајка“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука