Охрид, 18. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари-септември, од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ е Базел (21,5% удел на пазарот), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации имаат 0,5%, информираат од ТАВ Македонија.
Во моментов, според распоредот на летови, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, додека на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, 2 авиокомпании летаат до 6 дестинации.
– Охридскиот аеродром беше сведок на одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер летови до Белград, на Air Serbia и до Манчестер и Лондон (Гетвик). Силен пораст има и на бројот на патници за периодот јануари-септември 2023 година, кога вкупно 2,4 милиони (2.357.712) патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, што претставува годишен пораст од 30% во однос на 2022 година. Во споредба со 2019, која се смета за референтна година во воздухопловството, како најдобрата година во однос на патничкиот сообраќај пред Covid-19, двата аеродрома бележат 15% повеќе патници во периодот јануари-септември 2023 година, потенцираат од ТАВ Македонија.
Во однос на бројот на летови за истиот период, годишниот пораст е 19%, односно 5%, споредено со 2022 и 2019, соодветно, или на аеродромите во Скопје и Охрид се реализирани и опслужени вкупно 17.683 летови.
– Ние како ТАВ, навистина сме среќни што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30% за аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Посебно ни е драго што за само 9 месеци од 2023 година, со 2,4 милиони патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродроми не само што ја надминува референтната 2019 година за 15%, туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2% од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година, со новите линии и новите авиокомпании кои влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на рушење нови рекорди, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива