Охрид, 14. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Високи бројки на новозаболени од Covid-19 во Охрид се бележат од почетокот на годинава.
Досега се регистрирани дури 445 нови позитивни случаи, имало 205 озравени лица, а починаа 5 пациенти.
Ако продолжи ваквиот тренд месецов може да го завршиме со и до 1.000 новозаболени, што ќе претставува своевиден рекорд на месечно ниво од почетокот на пандемијата.
Моментално во градов има 488 активни случаи, а голема е бројката на амбулантски случаи, на дневна основа и по стотина. Високи бројки на заболени има и на државно ниво, а граѓаните коментираат дека непридржувањето кон анти ковид мерките пред и за време на празниците доведе до ваква состојба, плус тука е и сезоната на сезонски грип, а симптомите што се јавуваат се речиси идентични.
Бројката на активни случаи на вирусот се искачи на 14.545. Комисијата за заразни болести заседаваше неделава, но не донесе нови предлог мерки. Членовите раправаа и за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи, но рекоа дека одлука ќе се носи по дополнителна обемна дискусија.
Не е исклучена и можноста за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Дел од здравствените експерти бараат и продолжување на распустот, но Комисијата ќе одлучува непосредно пред почетокот на второто полугодие, во зависност од епидемиолошката состојба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива