Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со цел елиминирање на можностите за вршење кражби, СВР Охрид ги интензивира превентивните мерки со кои, граѓаните ги потсетуваме на неопходноста од поголема грижа за безбедноста на домовите и вредните предмети.
– Анализите на СВР Охрид покажуваат дека поголем дел од кражбите се случуваат во згодна прилика кога домовите се оставаат незаклучени додека на плажите, предмет на кражбите се оставени и необезбедени паричници, мобилни телефони лап топ компјутери и други предмети. Според аналитичките податоци на СВР Охрид, на подрачјето на Охрид, во текот на првото полугодие од 2019 година, регистрирани се 117 казнени дела „тешка кражба“ и 39 дела „кражба“. Овие бројки, претставуваат намалување во однос на истиот период од минатата, 2018 година, кога се евидентирани 170 дела „тешка кражба“ и 62 дела „кражба“. Во врска со појавата на питачење, во првото полугодие од годинава, на подрачјето на Охрид регистрирани се 15 случаи и ист број и на подрачјето на Струга. Исто толку прекршочни пријави се поднесени против лицата кои се затекнати при питачење, што е во согласност со членот 24 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, информираат од СВР Охрид. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива