декември 7, 2017

Охрид, 7. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Туристичката такса што ќе ја уплатат приватните станоиздавачи од мал обем ќе биде целосно субвенционирана.

Оваа новина е предвидена со нацрт програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2018 година, што беше изгласана на последната седница на градскиот совет.

До минатата година се субвенционираше 50 проценти од туристичката такса без посебен критериум за реинвестирање на средствата, односно средствата се даваа исклучиво само по утрвдување на реалноста односно издржаноста на уплатената туристичка такса.

Од следната година се планира субвенционирањето да биде 100%, меѓутоа да биде директно реинвестирано во капацитетите на приватните станоиздавачи, вели раководителот на секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

– При тоа ќе биде формирана комисија која што за сите оние кои ќе аплициараат за субвенционирање на туристичката такса ќе треба да излезе на терен да ја констатира тековната, односно фактичката состојба. По поднесување на апликацијата да се провери колкав е износот на уплатената туристичка такса  да се донесе одлука за износот. Истите тие средства треба да биде реинвестиран во сместувачкиот капацитет, кој мора да биде регистриран во нашиот регистар, во кој има 3 300 станоиздавачи. По доставување на финансовиот извештај, комисијата повторно ќе излезе на терен да ги констатира промените. По одобрување од нивна страна ќе биде уплатен износот на приватниот станоиздавач за сумата која ја побарува, потенцира Апостолов.

Според него на овој начин ќе се влијае кон подигнување на квалитетот на услугите кои ги нудат приватните станоиздавачи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука