октомври 12, 2017

Охрид, 12. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Охрид, ќе ја започне едукативната кампања „Безбедноста е најважна лекција“.

Кампањата, ќе се реализира во текот на овој месец во соработка со Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот заедно со учениците од трето одделение при основните училишта во Охрид.

Предвидено е, претставници на Општинскиот совет да ги посетат основните училишта и на третоодделенците да им поделат сообраќајно-едукативна брошура „Сообраќајна лектира“, во која, илустративно се поместени неколку основни правила и прописи за безбедно учество во сообраќајот.

Едукативната кампања ќе започне од 10:00 часот во ОУ „Григор Прличев“, каде на средбата со учениците од трето одделение ќе присуствува и униформиран полициски службеник од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Охрид, кој ќе помогне во практичната реализација на кампањата и низ разговор со учениците, ќе ги запознае со основните сообраќајни правила и прописи.

Целта на оваа сообраќајно-воспитна манифестација е едукација и издигнување на сообраќајно-техничката култура кај најмладите, запознавање со сообраќајните правила и прописи и нивно максимално почитување со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот. (Крај)

извор: ОСБСП фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука