News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 14, 2024

Охрид, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од утре, 15-ти ноември па до 15-ти март задолжително треба да се поседува пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Согласно Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира:

– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;

– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4×4) се подразбира:

– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри;

– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми се подразбира:

– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри.

– пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат-лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, „M+S“, „M & S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци. Од МВР апелираат до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, во насока на непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука