Охрид, 4. септември (ОХРИДПРЕС) – Полни девет дена од трагичниот настан, се` уште не е познато која е причината за смртта на 2,5 годишната Анастасија која почина во болницата во Охрид.
Охридското обвинителство уште го чека извештајот од обдукцијата, по што треба да одлучи дали ќе има обвинителен акт против медицинскиот персонал кој бил дежурен ноќта.
– Во надлежното Основно јавно обвинителство Охрид не е пристигнат обдуктивниот протокол од починатото дете. Обвинителството има отворено предмет и во негови рамки се преземаат дејствија за расветлување на причинско последичната врска за настанатата смрт. Обдукцискиот извештај го чека и Комисијата која веднаш по обелоденување на случајот ја формираше Министерството за здравство, јави Тв Сител од каде напоменуваат дека додека надлежните истражуваат што се случило на 27-ми август во охридската болница, неофицијално дознаваат дека најверојатно има пропуст во медицинскиот третман бидејќи на девојчето не му била направена ниту основна крвна слика која покажува дали има вирусно или бактериско заболување.
Според официјалните податоци од болницата, дежурните лекари на малата Анастасија првично и констатирале вироза и по дадеената терапија состојбата и била подобренња и ја пуштиле дома. По неколку часа девојчето било повторно донесено во болницата без срцева акција во бесознание и со проширени зеници. Ја реанимирале повеќе од еден час но без успех.
Министерот Таравари најави дека ќе бара одговорност доколку е направена лекарска грешка. (Крај)
извор: Сител фото: архива