ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ го одбележа патрониот празник и 58 години од постоењето
декември 28, 2024

Охрид, 26. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од Охрид го одбележа патрониот празник и 58 години од постоењето.

Настанот беше збогатен со рецитал, музичка програма и беше промовирана химната на училиштето по текст од ученици, а на музика и аранжман на композиторот Димче Китрозоски.

Беа доделени и награди за најуспешните ученици на меѓународни, државни, регионални и спортски натпревари за што на учениците срдечно им ги честитаме наградите. За континуирана работа од 30 години им беа доделени благодарници на професорката Билјана Попоска и психологот Ангелина Филкоска Соколовиќ, а на професорката Олга Трендафилоска и’ посакаа долги пензионерски денови.

Името на нашето училиште го носи споменот на големиот просветител, светител и човек кој со своето дело ги осветли патиштата на образованието, културата и духовноста. Свети Наум Охридски, како дел од Охридската книжевна школа, остави траен белег во историјата на нашиот народ и создаде основа за иднината на словенската писменост. Како училиште, ние сме горди што го носиме неговото име, име кое симболизира знаење, мудрост и напредок. Наша мисија е да ги следиме неговите идеали и да создадеме генерации млади луѓе кои ќе бидат подготвени да го носат духот на иновацијата и хуманоста во современиот свет. Почитувани ученици, вие сте нашата иднина и продолжение на оваа светла традиција. Вашите успеси се наши успеси, и токму затоа сме тука да ве поттикнеме, да ви дадеме поддршка и да ве насочиме кон вистинските вредности. Денеска, освен што оддаваме почит на Свети Наум, го славиме и трудот на сите кои низ годините дале свој придонес за развојот и успехот на нашето училиште-наставниците, учениците и соработниците. Неговото дело и денес ни испраќа порака – порака за љубов, единство и просветителство. Нашата обврска е да го почитуваме и чуваме она што ни го оставил во наследство и да го пренесуваме на идните генерации.
Секако треба да сме спремни за предизвиците на новото време. Индустрија 5.0, СТЕМ образованието и вештачката интелегенција се тие предизвици со кои треба да се соочуваме и нивната скорешна примена во образованието е неизбежна. Вештачката интелигенција има потенцијал да го трансформира образованието преку подобрување на учењето, персонализација на наставните методи и автоматизација на административните задачи. Таа може да создаде индивидуални наставни планови врз основа на способностите, интересите и напредокот на ученикот. На пример платформи како Duolingo и Khan Academy користат вештачка интелегенција за да го прилагодат темпото и содржината на учењето. Исто така вештачката интелегенција може да создава интерактивни содржини, симулации и виртуелни училници за поефикасно учење. Особено сме горди и можеме со право да се пофалиме дека со поддршка на Градоначалникот, локалната самоуправа и Министерството за образование и наука, значително се подобрени и унапредени условите за престој и учење на нашите ученици во Центарот и полека, но сигурно прераснуваме во модерен обучен центар за целиот југозападен регион на формалното, но и на неформалното образование за обука и преквалификација на возрасните. Голема е честа и одговорноста да сме дел од процесот на воспитување и образование на младите кои се иднината на нашето општество. Нека Свети Наум ни биде пример и инспирација, и нека неговото име продолжи да ја осветлува нашата патека кон знаењето, порача директорот Сашо Недески во своето обраќање. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука