мај 7, 2024

Охрид, 7. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во главниот избирачки список за утрешните парламентарни избори во Охрид се запишани 51.865 избирачи додека за вториот круг од претседателските 51.717 избирачи, информираат од Општинската изборна комисија (ОИК Охрид).

Разликата во бројката на запишани избирачи 148, генерално е поради граѓани кои стекнaлe полнолетство и тие имаат право да гласаат само на парламентарните избори.

Граѓаните своето гласачко право ќе го остварат на 87 избирачки места.

– Денес своето гласачко право за парламентарните и претседателските избори во домашни услови ќе го остварат вкупно 239 болни и изнемоштени лица од Охрид. За парламентрните избори се пријавија 68 лица и оваа бројка е плус од оние 172 лица што беа пријавени за првиот круг од претседателските избори. Во посебен извод од избирачкиот список за гласање се пријавени 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, 7 лица во установи за вонсемејна грижа и три граѓани од Охрид во дипломатско – конзуларните претставништва, вели за Супер радио и OhridPress Антигона Сионов, претседател на Општинската изборна комисија.

За овој изборен циклус променета е локацијата на 8 избирачки места на територијата на Општина Охрид:

– ИМ 1271, од МЗ „Билјанини избори“, улица „Мирче Ацев“ број 31, префрлено е во ЈЗУ Општа болница (Модуларна), на улица „Сирма војвода“ број 1.

– ИМ 1260, од приватен објект на улица „Даме Груев“ е префрлено во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид (Гимназија).

– ИМ 1297, од хотел „Бетон“ е префрлено во Основното училиште во селото Долно Коњско.

– ИМ 1281 и 1281/1, се префрлени од приватен објект во населбата „Видобишта“ во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на улица „Живко Чинго“ број 1.

– ИМ 1283 и 1283/1, се префрлени од приватен објект на улицата „Момчило Јорданоски“ во ОУ „Христо Узунов“, на улица „Питу Гули“ број 128.

– ИМ 1267, е префрлено од МЗ „Железничка“ во приватен објект на улица „Железничка“ број 104 А.

На ниво на Република Македонија за вториот круг на седмите претседателски избори во избирачкиот список се запишани 1.814.317 граѓани со право на глас, а на 11-те парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, генерално поради граѓаните кои стекнуваат полнолетство.

Се гласа на 3.480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т. н. фингерпринт апарати. Гласачките места ќе бидат отворени од 07:00 до 19:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука