март 7, 2017

Охрид, 7. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Следната среда, 15-ти март, истекува законскиот рок до кога граѓаните имаат обврска до УЈП да ги пријават своите дополнителни приходи, доколку ги оствариле во текот на минатата година.

Значи преостануваат уште осум дена да се достави Годишната даночна пријава за утврдување на персонален данок од доход. Од УЈП и оваа година со апел да не се чека последниот рок за доставување на пријавата. Но, следејќи го искуството од претходните години, охриѓани ќе си останат верни на традицијата, па пак ќе чекаат “пет до дванаесет”.

Според информациите од УЈП, досега во охридското одделение се поднесени над 6 000 пријави, што не е ни половина од очекуваната бројка на поднесоци.

Колку за потсетување Годишна даночна пријава поднесуваат граѓаните кои во 2016 година освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, оствариле и дополнителни приходи од: кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп), авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, поединечна добивка од општи игри на среќа (лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа) во износ поголем од 5.000 денари.

Доколку до предвидениот рок не биде поднесена годишната даночна пријава или во неа не бидат целосно пријавени приходите, законот предвидел глоба за направен прекршок. Таа изнесува од 100 до 200 евра во денарска противредност.

Работното време на даночното одделение на УЈП во Охрид, кое се наоѓа во зградата на Општина Охрид, е секој работен ден од 08:30 до 18:00 часот и сабота од 08:30 до 14:00 часот.

Од УЈП информираат дека за сите дополнителни информации и помош при пополнувањето на Годишната даночна пријава, можете да се обратите во Инфо центарот на бројот 0800 33 000 или да побарате помош од даночните агенти во даночните канцеларии.

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука