Охрид 13. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид, со повеќе свечености, нови просторни содржини ставени во употреба, како и со евидентни успеси на учениците на регионални и државни натпревари, го одбележа патрониот празник на училиштето.
Традиционално, во чевствувањето, учество зедоа и наставници од збратименото училиште од Лесковац, Србија.
Одбележувањето на патрониот празник се поврзува со денот на раѓањето на Ванчо Николески (10-ти јуни 1912), основоположникот на литературата за деца и млади кај нас и еден од великаните на македонското литературно творештво воопшто. Почина на 15-ти април 1980 година, на 67 годишна возраст. Напиша многу песни, беше мајстор на ритамот и римата, а во училиштата е застапен со „Гоце Делчев’ и „Волшебното самарче“.
Со ликовите на Гоце и курирчето Трајче се воспитуваа и растеа генерации и генерации од Македонија, но и од целата поранешна југословенска заедница, бидејќи беше обврзна лектира за сите во основните и средните училишта.
Претставници на училиштето и на Здружението „Мацково“, денеска го посетија вечното живеалиште на славниот поет на Градските гробишта во Охрид. Положија свежо цвеќе и му оддадоа достојна почит на великанот.
Ова здружение, традиционално, ја организира манифестацијаата Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Се одржува кон крајот на август, секоја година, а започнува во Основното училиште во Лескоец, крај Охрид,
Ова училиште е единствената институција во Република Македонија која го носи името на Николески и тоа не само во формална смисла, туку длабоко суштински, со пиетет и достоинство, изразено, пред се’, со успесите на учениците и пласманот на натпревари и слични активности. (Крај)
извор и фото: Веле Митаноски