Белчишта, 11. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни активности, ООУ „Дебрца“ денеска го прослави својот патронен празник.
Програмата започна во четвртокот со спортски игри, а продолжи денеска од 10:30 часот кога беше положено свежо цвеќе на споменикот во село Сливово и на споменикот на Трајче Дојчиноски во селото Белчишта. Беше отворена и ликовна изложба, а се одржа и свечена приредба во ООУ „Дебрца“ во Белчишта.
На пригодната манифестација беа доделени награди за литературен и ликовен конкурс, а оваа година градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески додели и парична награда за првото место.
Директорката на училиштето, м-р Билјана Славевска ги поздрави присутните родители, гости и пензионерите од Општина Дебрца, по што дечињата се претставија со креативни балетски и ритмички точки, а одржаа и рецитал и пантомима. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес