Струга, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Подружницата на Асоцијацијата на Агенции за Локална Демократија (АЛДА) од Скопје и општина Вевчани денес потпишаа меморандум за соработка за спроведување на проектот „Балканска регионална платформа за младинско учество и дијалог“ во која општина Вевчани e партнер од Македонија и член на управниот одбор на „Платформата за младинско учество и дијалог“.
Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог е координирана од Асоцијацијата на агенции за локална демократија АЛДА со седиште во Стразбург во партнерство со седум Агенции за локална демократија, АЛДА Скопје и осум општини од земјите од Западен Балкан.
Креирањето на балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог е едногодишен проект поддржан од страна на Европската комисија во рамките на ИПА Оперативниот грант за развој на граѓански организации, Приоритет 5 – промоција на социјално и економско вклучување на маргинализирани групи, особено млади.
Специфични цели на проектот се: Креирање на Регионална мрежа за локална демократија составена од граѓански организации и локални власти, со активно учество на младите од земјите од Западен Балкан за промоција на младинското учество на локално ниво; Јакнење на капацитетите на младите од Западен Балкан за активно граѓанство и учество во процесот на донесување одлуки; Зголемување на интересот на локалните власти во земјите од Западен Балкан за потребите на младите во процесот на донесување одлуки согласно европските стандардите; Зголемување на свеста на локалните власти, граѓанските организации и младите лидери во земјите од Западен Балкан за европските стандарди и практики за младинско учество и регионалниот импакт на европските програми за 2014-2020 година, особено на програмите за млади.
Општина Вевчани во координација со АЛДА Скопје ќе учествува во спроведување на повеќе локални активности.
Времетраење на проектот е до 31-ви декември 2015 година со план за понатамошно дејствување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива