Белчишта, 17. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Дебрца ја доби првата битка во активностите што ги спроведува против плановите за изградба на регионалната депонија за цврст отпад во атарот на селото Годивје.
Како што појаснува градоначалникот на општината Зоран Ногачески, добиено е позитивно решение по жалбата што општината ја поднесе против начинот на кој била донесена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за оспоруваната локација кај Годивје, јави Тв Сител.
Ногачески во име на општината го оспорил проектот за „Воспоставување на систем за интегрирано управување со отпад вo Југозападниот плански регион”, во кој токму атарот на селото Годивје беше посочен како локација на регионалната постројка за третман на цврст отпад.
Тој испратил жалбено барање до Државната комисија за одлучување во управна постапка, во кое посочува оти Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и другата потребна документација од страна на ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се донесени во нетранспарентна постапка, без да се земат во предвид мислењета на засегнатите страни и со непочитување на одредбите на Законот за животната средина. Комисијата за одлучување во управна постапка го уважило жалбеното писмо, донела одлука за поништување на решението на МЖСПП и предметот го враќа на повторно разгледување.
– Она што го тврдевме сега доби и правна потврда од надлежен државен орган. Борбата продолжува, е коментарот на градоначалникот на Дебрца по таквото решение.
Инаку, граѓаните на Дебрца се спротивставија на предлог-локацијата за изградба на депонија кај Годивје уште од самото презентирање на проектот, најавувајќи дека нема да дозволат изградба на депонија во еколошка чиста средина. Нивната решеност ја потврдија на референдумското изјаснување спроведено во октомври 2017 година заедно со локалните избори. На референдумот против изградба на депонија на нивна територија се изјаснија дури 87 отсто од оние граѓани на Дебрца што излегоа на гласање. (Крај)
извор: Тв Сител фото: архива