Охрид, 8. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Нови Пазар на вчерашната седница на Градскиот совет ја изгласа одлуката за збратимување со Охрид.
Одлуката сега треба да помине и на Градското собрание, а иста постапка се спроведува и во Охрид, по што ќе следат взаемни посети на делегации од двата града.
Со тоа ќе се реализира идејата која се роди на неодамна одржаната Младинската работна акција „Рибариќ“ токму во овој град, каде учествуваа членовите на младинската бригада од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид и беа прогласени за најдобри.
Имено, предлогот дошол од страна на командантот на бригадата Асим Зораниќ, градоначалникот на општината Нихат Бишевац и заменик премиерот на Владата на Србија и министер за трговија, туризам и телекомуникација, кој инаку потекнувал од Нови Пазар, Расим Љајиќ. Нови Пазар се наоѓа во југозападна Србија, во областа Рашка.
За ова бил запознаен и охридскиот градоначалник, д-р Константин Георгиески, а потпишувањето на договорот за збратимување на двете општини најверојатно ќе се случи на 8-ми декември – Св. Климент Охридски, денот на заштитникот на градот Охрид. Општина Охрид досега е збратимена со 14 градови, а има потпишано и протоколи за соработка со 18 општини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива