август 1, 2019

Охрид, 1. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид ги презема сите активности во согласност со законските прописи, со цел да се исполнат задолженијата кои македонската Влада им ги додели на општините, за подобро и поефикасно спроведување на Препораките од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кои се во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско наследство, велат за Супер радио и OhridPress од локалната самоуправа.

Оттаму велат дека се работи на Акцискиот план и согласно рокот што го даде Владата ќе биде ставен на усвојување пред охридските советници.

– Во тек е подготвувањето на Акцискиот план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО. Веднаш по изготвувањето, овој план ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид. Општинските надлежни служби ги рагледуваат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство, додаваат од локалната.

Во текот на целокупниот процес, општината е во постојана координација и комуникација со министерствата за транспорт и врски, култура и животна средина и просторно планирање, како и со останатите надлежни државни институции, за што јавноста ќе биде навремено и детално информирана.

Владата минатата недела донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

Истовремено, Владата им препорача на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука