Охрид, 17. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Правните и физичките лица доколку сакаат да постават урбана опрема, ќе треба да поднесат барање и да ја испочитуваат постапката за добивање одобрение за користење на истата.
Заинтересираните треба да достават барање за извод од програмата за урбана опрема до Секторот за урбанизам и заштита на животна средина. Како прилог ќе треба да достават имотен лист, скица од катастарски план за предметната парцела, административна такси за барањето од 50 денари административна такса и за изводот од програмата 750 денари. Рок за издавање на изводот, по поднесена комплетна докуметација е пет работни дена.
По подигнување на изводот од програмата за урбана опрема, барателот доставува проект за поставување на урбана опрема од соодветна лиценцирана фирма за изработка на проекти и истиот ги доставува со гореспоменатото барање до Секторот за урбанизам и заштита на животната средина и административна такса за одобрение 1000 денари, информираат од локалната самоуправа.
Секторот за урбанизам го одобрува доставениот проект доколку е во согласност со изводот од програмата за урбана опрема, по што се изготвува договор за надоместок за краткотраен закуп на градежно земјиште за поставување на урбана опрема. Договорот се доставува до Одделението за комунални такси каде се изготвува задолжение за надомест за комунална такса. Барателот доставува договор за извршување комунални услуги со ЈП „Охридски Комуналец“.
По регулирање на обврските кои произлегуваат од договор за надоместок за краткотраен закуп на градежно земјиште за поставување на урбана опрема и задолжението за надомест за комунална такса, Секторот за урбанизам и заштита на животна средина изготвува одобрение за поставување на урбана опрема на предметната парцела.
Доколку не се испочитувани овие услови, општината ќе започне со отстранување на нелегално поставената урбана опрема. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
Прочитано: 48