Охрид, 14. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – По извршениот увид на Студенчишко блато, од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) неодамна побараа од Општина Охрид да постапи според законот за градење и управување со отпад.
Согласно законските надлежности (Закон за градење и Закон за управување со отпад), Општинскиот инспекторат за животна средина при Општина Охрид излезе на лице место на 25-ти април 2023 година по патот Охрид-Св. Наум во Студенчишко блато.
– Се констатира дека се врши пополнување на три парцели – ниви со инертен материјал земја, од причини како што рекоа сопствениците од надоаѓање на вода во нивите по што е изготвен записник. Од страна на одделението за заштита и животна средина при Општина Охрид ни беше доставено решение за привремена заштита на Студенчишкото блато донесено согласно челн 97 став 2 од Законот за природа, донесено од министерствотот за животна средина и просторно планирање, информираат за Супер радио и OhridPress од Општина Охрид.
Додаваат дека изготвениот записник, претставка и фото-документација биле испратени до државниот инспекторат за животна средина, на нивно понатаможно постапување.
– Од државниот инспекторат за животна средина излегле на лице место на ден 26-ти мај 2023 година за што е изготвен записник, каде е констатирана фактичката состојба, но без констатација дали се или не се утврдени неправилности. Со писмен допис/известување предметот е вратен до Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид. Од страна на општинскиот инспектор за животна средина се изврши контролен надзор на ден 6-ти јуни 2023 година при што беше затекната истата состојба на лице место, односно трите катастарски парцели – нивите се пополнети со инертен отпад земја. Согласно предходно наведеното се констатира дека нема основ за покренување постапка, потенцираат од Општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива