Охрид, 3. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Лицето на кое се однесува денешното соопштение на СДСМ од Охрид е ангажирано во општина Охрид од страна на претходниот градоначалник на работни задачи во Секторот за урбанизам уште од 26-ти јануари 2012 година, или 14 месеци пред преземањето на мандатот од страна на сегашниот градоначалник.
– Со тоа недвосмислено паѓаат во вода обвинувањата на СДСМ дека сегашното раководство на Општината ангажирало лица врз основа на било каква партиска припадност, реагираат од Општина Охрид, откако денес на прес конференција од ОО на СДСМ од Охрид ги обвинија дека вработена во општина Охрид, две години работи како правник без завршен Правен факултет.
Додаваат дека на истото лице му е отповикано овластувањето и нема никаков ангажман во Општина Охрид.
– Во процесот на изготвување на решенијата за легализација учествуваат повеќе лица од различни профили и истите после финална проверка се одобруваат и потпишуваат од страна на раководителите во Секторот за урбанизам и се донесуваат од страна на градоначалникот. Од тие причини законитоста на решенијата за легализација не може да се доведе во прашање, стои во реакцијата.
Реакцијата на Општина Охрид дојде по изнесеното во денешниот допис до медиумите на ОО на СДСМ од Охрид, во кој тие пишуваат за, според нив, новиот скандал во општина Охрид, каде речиси две години, вработена во општина Охрид, работи како правник во Секторот за Урбанизам, иако нема завршен Правен факултет.
Од СДСМ не наведоа за кое лице станува збор, а посочија дека две години никој не се сетил да и‘ побара диплома за завршен Правен факултет и да провери дали е квалификувана за доделеното работно место.
– За скандалот да биде уште поголем, споменатата вработена ги потпишувала урбанистичките решенија во Одделението за спроведување на урбанистички планови, со овластување издадено од градоначалникот Бакрачески. Значи, овластената „правничка“ без диплома, со својот потпис на многу урбанистички предмети за легализација на дивоградби, решавала за судбината и имотите на голем број граѓани на Охрид, реагираат од СДСМ.
Тие натаму прашуваат колку се легални таквите издадени урбанистички решенија?!
– Дали граѓаните со позитивно решени предмети треба да стравуваат за сопствените имоти?! Дали граѓаните со негативно решени предмети треба да ги обжалат таквите решенија?! И, конечно, како е можно два пати да се објави оглас за нејзино вработување во општина, без таа да приложи диплома?! Незаконското работење е одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Со овој скандал уште еднаш на дело се покажа самоволието на ВМРО-ДПМНЕ при вработувањата на партиските кадри и крајно несериозниот однос кон граѓаните на Општина Охрид, стои во дописот до медиумите од ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)
извор: Општина Охрид/СДСМ фото: архива