Охрид, 19. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По излевањето на нафтената дамка рано утрово во каналот Студенчишта, со реакција излегоа од Општина Охрид.
– На лице место веднаш излегоа сите надлежни институции. Покрај претставниците на локалната самоуправа, на терен излезе и надлежниот Државен Инспектор за животна средина од Охрид (ДИЖС) кој направи вонреден инспекциски надзор, како и Капетанот на Капетанијата. Беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“ кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Согласно законската регулатива ДИЖС ќе ги превземе сите законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка. За утре, понеделник 20-ти ноември е закажано итно вадење на бродот од каналот со соодветна механизација, со што ќе се спречи натамошно излевање на нафта во езерото, а со тоа и потенцијалните последици за живиот свет во него и животната средина, информираат од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид.
Со став денес излегоа и од Државниот инспекторат за животна средина, а од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ потенцираат дека горивата со години го уништуваат езерото:
– Самиот мирис делува негативно на рибите и тие го напуштаат местото на инцидентот (излевањето). Квалитетот на водата освен директно од загадувањето се намалува и поради тоа што има мал дотур на свежа вода па најверојатно таканареченото „самопречистување„ или разблажување ќе се одвива многу полека. Горивото на површината прави „филм„ па и на тој начин се спречува обогатувањето на водата со кислород. Штети претрпува и останатиот растителен и животински свет во каналот, алги, макрофитска вегетација, зоопланктон фауната на дното и сите алки од трогичката пирамида во Езерото или кој и да било воден екосистем. Загадувањето од моторните чамци и бродовите е еден од факторите кои влијаат на деградирање на квалитетот на живеалиштата во Езерото, според најновиот извештај за Охрид на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), велат од Охрид SOS. (Крај)
извор: ohrid.gov.mk/ОхридПрес фото: ohrid.gov.mk/ОхридПрес