Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Да се каже дека изградбата на катна гаража не е од јавен интерес, во град во кој суштинска потреба е решавање на проблемот со паркинг просторот е дегутантно, одговори градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, по неодамнешна изјава на министерката за култура.
Уште подегутантно, според него е што општината сѐ уште не може да добие одобрение, односно позитивно конзераторско мислење.
– Охрид проблемот го има 30 години и за тоа постојано се зборува. И покрај постапување по секоја забелешка како што тие побарале од нас, зборувам за стручниот тим на министерството за култура, ние сепак не можеме да добиеме одобрение за катна гаража односно конзераторско позитивно мислење, рече Пецаков одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека не е само катната гаража, насекаде има опструкции од централната власт, а единствена тема на која секогаш соработувале без проблеми биле препораките околу УНЕСКО.
За потсетување, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, во ноември 2022 година откри дека катната гаража треба да се изгради на површина од 1.215 m2 со расположлив капацитет за гаражирање за повеќе од 150 возила во близина на Градскиот пазар. Тогаш тој најави дека очекува одобрение за градба во 2023 година. За оваа катна гаража е изработена документација за градба и физибилити студија, извршена е експропријација на земјиштето и има одлука за трајно користење на земјиштето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива