октомври 24, 2019

Охрид, 24. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општините Охрид, Дебрца и Вевчани денес му дадоа поддршка и потпишаа меморандум за соработка со Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст.

Оваа служба функционира од далечната 2002 година, а според Антонио Додевски, проект менаџер на Проектот „Регионот Охридско езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам“, бројот на несреќи кои се случуваат на планина е со тенденција на пораст.

– Пред 6-7 години имаше по 2-3 интервенции. Сега има рапидно зголемување на бројот на несреќите. Во сите региони има несреќи. По вид и природа на несреќите во Дебрца и Струга сме интервенирале при спасување на локално население во зима, а во Охрид на Галичица при спасување на туристи, истакна Додевски.

Заменик градоначалникот на Охрид Ристо Николески истакна дека се’ попопуларниот авантуристички туризам не може да се развива без оваа спасителна служба.

– Оваа служба е исклучително важна и во повеќе специфични ситуации. Заедно со општина Дебрца ја искористивме спасителната служба за интервенциите во гасење на шумските пожари, едницата ни беше логистичка поддршка, напомена Николески.

Нашата визија за развој на општината го предвидува планинарскиот и аванатуристичкиот туризам, за кои е неопходен ваков спасителен центар, истакна првиот човек на општина Дебрца Зоран Ногачески.

– Со овој меморандум се остварува заедничка соработка и се дефинираат целите и обврските на сите општини и планинската служба. Тоа за општина Дебрца е значајно бидејќи ќе ги искористиме сите наши потенцијали за развој на туризмот во таа насока, рече Ногачески.

– Планираме поголем развој на авантуристичкиот туризам на Јабланица. Досега имаше спасителна служба само на планината Галичица. Инициравме сорабоката да се прошири и да се формира спасителен центар и на Јабланица бидејќи има убави места за посета и можности за авантуристички туризам, истакна градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука