септември 15, 2021

Охрид/Скопје, 15. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Општинските изборни комисии деновиве (ОИК) деновиве работат на потврдување на поднесените кандидатури за градоначалник и советничките листи за претстојните локални избори.

Се прегледува документацијата и се чекаат уверенијата од судовите. Оваа постапка треба да заврши најдоцна до 18-ти септември.

До ОИК Охрид се доставени четири кандидатури за прв човек на градот и 11 советнички листи. Три листи се независни, три се поднесени од коалиции и пет се од политички партии.

Сите членови на ОИК се должни да ги почитуваат начелата поврзани со обработка на личните податоци, бидејќи потпишаа изјава за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.

– Најстрого е забрането изнесување при фотографирање, фотокопирање, електронска пошта, телефонски, на документација која содржи лични податоци на кандидатите, како и на целата документација на ОИК кои ги обработуваат овие податоци. За прекршување на одредбите од законските прописи, кои ја регулираат заштитата на лични податоци согласно кривичниот законик се предвидени и соодветни санкции. Затоа, ДИК почнувајќи од нас самите, од вработените во ДИК, од помошните тела ангажирани, како и до сите изборни органи, ОИК и избирачките одбори бара целосно професионално и одговорно однесување во работењето од сите изборни органи согласно важечките законски прописи, истакна потпретседателката на Државната изборна комисија, Дитмире Шеху.

По ова листите се доставуваат до Државната изборна комиисја (ДИК) за да биде извршено ждребување за редоследот на гласачкото ливче, постапка што треба да се одржи најдоцна до 23-ти септември. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини.
Изборната кампања за првиот круг од локалните избори започнува на 27-ми септември и ќе трае до 15-ти октомври на полноќ.

На овие избори првпат во земјата ќе се користат терминали за вчитување на отпечатоци од прсти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука