Струга, 2. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Според истиот извор, обвинетиот свесно ги повредил законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта. Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12-ти јануари 2022 година, за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа.
Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12-ти јануари 2022 година до 31-ви јули 2023 година, за кој период и биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето.
Ова е осмо поднесено обвинение за градоначалникот на Струга. (Крај)
извор: Фокус фото: архива